Македонија преживеа уште една турбулентна политичка година. Политичарите го задржаа „нивото“ и им приредија на граѓаните уште еден политички циркус, во кој политичката култура остана мисловна именка.
Овојпат, политичката драма беше збогатена и со придонес од Европската унија поттикната од нашите комшии и докажани пријатели на источната граница.
Крајот на 2021 година најави дека 2022 година ќе ни донесе многу „возбудувања“.
ПРЕМИЕР БЕЗ ИЗБОРИ
2021 ја заокруживме со „киднапирањето“ на пратеникот Кастриот Реџепи и пропаднатиот обид на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да формираат ново парламентарно мнозинство.
Потоа следуваше оставката на премиерот Зоран Заев, за 2022 година да ја започнеме со изборот на неговиот наследник, „неизгласаниот“ премиер Димитар Ковачевски.
На 23 декември 2021 година, Собранието ја констатираше оставката на Заев, а на 29 декември претседателот Стево Пендаровски му го додели мандатот за состав на новата Влада на Ковачевски.
Тој претходно беше избран на функцијата претседател на владејачката СДСМ, по оставката на Заев.
На 16 јануари 2022 година пред полноќ со 62 гласа „за“, 46 „против“ и ниту еден воздржан Собранието ја изгласа новата Влада предводена од Димитар Ковачевски.
И додека Ковачевски се сместуваше во премиерската фотелја, на меѓународен план се случи незамисливото: Русија ја нападна Украина и Европа се соочи со војна во 21 век.
Руската инвазија започна утрото на 24 февруари со воздушни напади врз повеќе градови, како и врз Киев.
Новиот премиер истиот ден преку социјалните мрежи ја осуди Русија.
„Го осудувам чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина. Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир“, напиша Ковачевски.
ВОЈНАТА ЈА ЗАМЕНИ КОРОНАТА
Со почетокот на војната, короната веќе ја прогласивме за „умрено“ и сега македонските политички лидери се соочија со поинакви предизици: справување со економската и енергетската криза предизвикана од војната.
ВМРО-ДПМНЕ ја искористи ситуацијата за веднаш во април да побара предвремени парламентарни избори, бидејќи актуелната власт не била способна да се справи со новонастанатата криза.
СДСМ веднаш го одби барањето и остана на ставот дека изборите ќе бидат редовни во 2024 година.
Во мај веќе почнаа да се чувствуваат последниците од светската економска и енергетска криза, па цените на струјата и горивата почнаа енормно да се зголемуваат.
Во екот на кризата, Македонија беше во исчекување дали Бугарија ќе го крене ветото за конечно да ги започнеме преговорите за влез во ЕУ.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК
К.С.Б.