Франција би можела да се соочи со граѓански немири и насилство поврзано со изборите, рече министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин, додека кампањата влегува во последната недела пред првиот круг на гласање.
„Можно е да има исклучително силни тензии“, изјави Дарманин за радиото РТЛ, додавајќи дека властите се подготвуваат за „многу запалива“ ситуација. Изборите се одржуваат помалку од еден месец пред Олимпијадата во Париз. Макрон ја шокираше нацијата со одлуката да го распушти Националното собрание на почетокот на овој месец, по неговиот неуспех на изборите за Европскиот парламент.
Многу гласачи ги гледаат изборите како референдум за судбината на претседателот за кој некогаш се мислеше дека е способен да ги надмине политичките поделби, но чиј рејтинг падна по неколку политички кризи.
„Ви верувам“, им рече Макрон на гласачите во „писмото до Французите“ објавено во неделата, во кое се обиде својот табор, кој на анкетите заостанува зад екстремната десница и новоформираната лева алијанса, да го прикаже како последна надеж за стабилност.
„Не сум слеп: свесен сум за демократските слабости“, нагласи тој. Макрон, исто така, повтори дека ќе остане на функцијата до крајот на мандатот во 2027 година, без оглед на исходот од изборите.