Францускиот министер за природна средина Франсоа де Ружи, близок сојузник на претседателот Емануел Макрон, поднесе оставка по извештаите за скапи вечери платени од државни пари и злоупотреба на субвенционирани станови.
Де Ружи беше назначен за министер во септември 2018 година, а заминувањето го објави по објавата на левоориентираниот портал „Медијапарт“.
– Нападот и линчот на медиумите кон моето семејство ме принудија на неопходен чекор назад – изјави де Ружи, кој беше и државен министер, што значи број два во владата, веднаш по премиерот Едуардо Филип.
Порталот „Медијапарт“ објави фотографии од Де Ружи и неговата сопруга, која е новинарка, како уживаат во скапа вечера со скапо вино и јастози во време додека тој бил претседател на парламентот.
Порталот тврди дека вечерата на сметка на даночните обврзници била приватен настан, додека поранешниот министер се брани дека вечерата била во рамките на неговата работа во Националното собрание. „Медијапарт“ откри дека Ружи изнајмил стан по пониска цена, наменет за оние со пониски примања.
Се наведува и дека неговата сопруга купила фен за коса вреден 500 евра и го реновирала својот државен стан за 63.000 евра. Но, најголема штета предизвика фотографијата со јастозите, во држава која и понатаму закрепнува од неколкумесечните протести на жолтите елеци.