Француската Влада ќе дозволи патувања само на 100 километри одалеченост од дома

by Fokus

Во Франција, како една од земјите каде коронавирусот зеде најмногу жртви, сѐ уште владеат рестриктивни мерки. Парковите се затворени за користење, а француската Влада дури сега размислува од идната недела да дозволи патување во рамки на државата, но најмногу до 100 километри од местото на живеење.

-Се препорачува ова лето да не се патува во странство и одморите да се поминат на домашен терен, изјави министерката за животна средина, Елизабет Борн.

Таа во интервју за Радио Ентер, пренесува Ал Џезира, рекла дека се размислува идната недела да се дозволи патување во Франција до сто километри од местото на живеење.

Париз сѐ уште се смета за жариште на коронавирусот.

Меѓутоа, градоначалникот на Париз бара од Владата да ги отвори парковите за користење, бидејќи граѓаните главно живеат во станови без или со мали тераси.

На почетокот на овој месец францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави дека е малку веројатно дека француските граѓани ова лето ќе патуваат на далечни дестинации и дека најверојатно и патувањата во Европа ќе бидат ограничени.

Во Франција досега починаа повеќе од 28.000 луѓе.

Поврзани новости