Француската Влада ги зајакнува мерките за борба против Ковид-19

by Fokus

Француската Влада ќе донесе нови обврзувачки мерки за борба против Ковид-19, но е внимателна за да не ги паничи Французите, јави дописникот на МИА од Париз.

– Има чувство на загриженост, ние не сме тука за да ги исплашиме луѓето, но мора да ја споделиме реалноста. Во цела Европа има продолжување на епидемијата. Нема што да се паничиме, ние не се враќаме на ситуацијата во април, но, и покрај сè, имавме илјада случаи на ден пред неколку недели, сега сме на 3.000. Се случува нешто, изјави премиерот Жан Кастекс во интервју за Франс Интер.

За да можат да „живеат со вирусот“, тој ги повика Французите да „преземат одговорност“.

– Најлошо од сè е што тонеме, затоа што не ја продолжуваме активноста, во економска и социјална криза која – Французите тоа го чувствуваат добро – што е многу поопасно од санитарната криза, предупреди Кастекс.

Свесни за штетата предизвикана од генерализираното ограничување, Владата сака по секоја цена да избегне да ја стави земјата повторно под изолација. Затоа Кастекс порача Французите да се вратат на работа, на училиште, но и да го откријат социјалниот и културниот живот, „додека се штитат“.

Министерот за образование, Жан-Мишел Бланаке, од своја страна го појасни здравствениот протокол за почеток на учебната година. Сите ќе треба да ја носат маската на училиште.

Министерката за труд Елизабет Бор, ги финализира правилата – а особено исклучоците – во однос на претпријатијата.

-Протоколот ќе биде готов во најдобар случај до викендот, најдоцна до понеделник, ден пред да стапи на сила задолжителното носење маска на работното место, се нагласува од Владата.

Во салата за состаноци во Елисејската палата, сите министри, распоредени на еден метар, носеа заштитни маски, исто како и Претседателот на Франција. Замениците министри и државните секретари учествуваа во дискусиите преку видео-конференција.

Од вторникот вечер, носењето маска е задолжително во Марсеј, а баровите и рестораните работат до 23 часот.

-Планираме да ги територијализираме мерките што е можно повеќе. Ако истите правила се применуваат насекаде, додека циркулацијата на вирусот варира според териториите, како можеме да очекуваме Французите да ги сметаат за легитимни, рече Габриел Атал, портпарол на Владата.

 Истиот вид мерки може да се донесат до крајот на неделава во Париз, каде што вирусот активно циркулира. Градското собрание и префектурата разговараат за тоа дали да се заострат правилата. Досега, обврската за носење маска е ограничена во одредени области на главниот град.

До презентацијата на стимулативниот пакет, одложена до четврток, 3 септември, извршната власт ќе ги удвои напорите да се обиде да ги запознае Французите со новите препораки. Додека анализите на научниците понекогаш се контрадикторни, премиерот Жан Кастекс реши да се врати на едукативните прес-конференции иницирани од неговиот претходник Едуар Филип, за време на изолацијата. Во четврток претпладне, шефот на владата ќе биде покрај министрите Оливие Веран за здравство и Жан-Мишел Бланаке за детален преглед на ситуацијата. Министерот за здравство потоа ќе замине во Марсеј.

-Меѓутоа, постои ризик од антагонизација меѓу оние кои веруваат дека правиме премногу и оние што веруваат дека не правиме доволно. Најлошо би било да ги вознемириме двете страни, се предупредува од Владата.

Поврзани новости