Француската министерка за Европа Бун: ЕУ може да се прошири и пред 2030 година

by Fokus

Следното проширување на Европската Унија со нови земји членки може да се случи и пред 2030 година, а она што е потребно дотогаш е ЕУ да се реформира себеси, но реформи се потребни и кај земјите кандидатки, изјави француската министерка за Европа, Лоренс Бун, на една од денешните панел-дискусии на Бледскиот стратешки форум.

„Сега сме 27 земји, а можеби ќе бидеме и повеќе од 35 најбрзо што може. Знам дека Шарл Мишел рече 2030 г., но дури можеби и порано. Но, она што ни треба е да се реформираме себеси. Но, и земјите кандидати да се реформираат. Можеби не го правевме тоа многу добро во минатото, можеби треба да сме повеќе инволвирани, да помагаме повеќе, да сме подинамични во процесот на проширување за да избегнеме замореност и да ги направиме придобивките од идното членство во ЕУ поопипливи за земјите кандидати. Мислам дека тоа се нашите задачи“, рече Бун.

Оваа изјава на Бун доаѓа еден ден по изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој вчера во Блед рече дека ЕУ треба да биде подготвена за ново проширување до 2030 година.

Вчера францускиот претседател Емануел Макрон, на годишниот состанок со француските амбасадори, рече дека Европската Унија треба да размисли како ќе справи со проширувањето, бидејќи е ризично „да мислиме дека можеме да се прошириме без реформи“.

„Можам да посведочам дека на Европа ѝ е доволно тешко да напредува на чувствителни теми со 27 членки. Со 32 или 35 членки нема да биде полесно. Ќе ни треба смелост да прифатиме поголема интеграција во некои области, а можеби дури и Европа со повеќе брзини“, рече Макрон на годишниот состанок со француските амбасадори

Поврзани новости