Недоделувањето датум за старт на преговорите за членство во ЕУ за Северна Македонија и Албанија на вчерашниот состанок на шефовите на дипломатиите на членките на Унијата не претставува негативна одлука, изјави француската министерка за европски прашања, Амели де Моншалан.
Како што јави дописникот на МИА, Моншалан нагласи дека Париз бара спроведување на сите услови за старт на преговорите утврдени пред 18 месеци, додавајќи дека земјите од Западен Балкан имаат европска перспектива.
Ваквиот став, според неа, ќе биде уште појасно искажан во заклучоците на претстојниот Самит на ЕУ, иако земјите членки на Унијата имаат различен пристап околу проширувањето.
– Франција има позиција која вели дека критериумите утврдени во 2018 треба да бидат целосно исполнети од Северна Македонија и Албанија. Дел од реформите веќе беа ставени на колосек, но не се целосно реализирани, истакна Моншалан.
Таа понатаму признава дека има земји кои сметаат дека Македонија и Албанија треба да се разгледуваат одвоено, додека други се спротивставуваат на тоа.
– Всушност, имавме дискусии кои не беа 25 земји против две или 26 против 1. Тоа беа сложени дискусии за приоритетите на едните и другите. Едно е сигурно дека постои единство за европската перспектива, потоа е сигурно дека има потреба од реформи во двете земји за да се исполнат условите од 2018. Сакам тука да кажам јасно дека Франција, Холандија или другите земји не побараа други реформи и услови. Ние сакаме критериумите утврдени пред 18 месеци бидат спроведени на дело. Дискусијата ќе продолжи меѓу шефовите на држави или влади и мислам дека Советот потоа ќе донесе одлука и ќе се усогласат или ќе дадат понатамошни инструкции, нагласи Моншалан.
Таа нагласува дека се потребни реформи во процесот на преговарање, додавајќи дека Франција ја брани позицијата на кредибилитет на европската порака.
Според неа, треба да се утврдат јасни критериуми и тие треба да се почитуваат, со цел граѓаните да почувствуваат благосостојба и да се спречи одливот на мозоци. Како пример таа го посочува Специјалното јавно обвинителство.
– Таа реформа треба да оди до крај. Тоа денес не случај. Не треба да се гледа дека Франција има тврда позиција, треба да се спроведи таа реформа и тогаш да размислиме за отворање на преговорите, наведе француската министерка за европски прашања.
Моншалан се осврна и на вечерашната средба на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел во Тулуз, при што нагласува дека на Европа е потребно единството на Франција и Германија.