Француската државна секретарка вели новата методологија не значи и преговори по автоматизам

by fokus

Француската државна секретарка за европски прашања, Амели де Моншален, на прес – конференција во Брисел изрази увереност дека методологијата што ќе ја објави Европската Комисија во среда ќе биде задоволителна за Франција, но сѐ уште не гарантира отворање на преговорите за Северна Македонија и Албанија во март, јави дописникот на МИА.

Франција инсистира новата методологија да вклучува четири клучни принципи: реверзибилност, политичко управување со процесот, постепеност и конкретност. Според дипломатите во Брисел кои се запознаени со нацртот на ЕК овие барања на Париз ќе бидат задоволени. Потоа земјите членки ќе треба во текот на следниот месец да ја прифатат оваа нова методологија и да одлучат дали даваат зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија.

Француската државна секретарка за европски работи на денешната прес  – конференција во Брисел рече дека не може да каже за сега која ќе биде позицијата на Франција сѐ додека не се објави реформата на процесот како и извештајот на Европската Комисија за реформите во земјите, кој се очекува во март исто така.

-Треба да има договор меѓу земјите членки, да биде одобрено, да се осигуриме дека во извештајот на ЕК во март дава позитивна дијагноза и да има вистински економски патоказ, а не судски и административен монопол во регион во кој сакаме да тежиме, мора да има конкретни економски предлози, инаку зборуваме за политика на сигнал како што ја нарекувам за да се чувствуваме добро морално, рече Моншален на прашање на МИА дали Франција ќе даде зелено светло за преговори доколку методологијата е задоволителна за Париз.

Моншален рече дека очекува „да има отворена дискусија со другите земји членки на оваа тема и да го види извештајот на Европската Комисија за реформите“, додавајќи дека „нема автоматизам“.

-Претседателот Макрон во октомври рече дека не дава мандат за почеток на преговори кои не носат конкретни бенефити, оваа позиција нема да се смени, ако немаме увереност за исходот не гледам зошто би смениле став, за да смениме став треба рамката да еволуира, да има реформа во рамките на мандатот за преговори, додаде државната секретарка.

За Франција, вели таа, е екстремно важно „начинот на кој се пристапува до преговорите биде кохерентен со тоа што го бараме, постепеност, конкретност, реверзибилност и политичко управување„.

-Ако имаме договор тогаш одлуката ќе се постави поинаку и ќе видиме дали работите можат да еволуираат, изјави де Моншален.

Поврзани новости