Децата се ретко преносители на корона вирусот покажува студија спроведена од професорот Роберт Коен, потпретседател на француското здружение за педијатри и која ја пренесе „Ле Паризиен“. Студијата целосно ја сврте улогата на децата во ширењето на епидемијата, откако на почетокот на пандемијата се тврдеше дека тие се големи преносители.
Оваа студија беше спроведена во регионот Ил де Франс од страна на 27 педијатри од 14 април до 12 мај и со неа беа опфатени 605 деца. Роберт Коен вели дека децата под 15 години навистина не се многу заразни:
-Кога идентификуваме заразено лице и ги тестираме неговите роднини, сфаќаме дека децата се два до пет пати помалку носители на вируси отколку возрасните, вели тој.
Професорот поставува неколку хипотези во „Ле Паризиен“ за тоа зошто децата се поретко носители на вирусот.
-Се чини дека имаат помалку рецептори за вирусот на нивната носна слузница. Децата, исто така, би можеле да бидат подобро заштитени затоа што веќе имале други корона вируси, ова е вкрстен имунитет. Се чини како тие да имале обука. Повеќе во форма на анегдота ние се прашуваме дали нивната мала големина не е предност, односно тие кога ни зборуваат нивните честички од плунката не ги имаме право в лице, објаснува професорот.
Според професорот Коен, враќањето на децата на училиште треба да се забрза, но со редовно миење на рацете.