Претседателот Емануел Макрон сака да ја направи Франција лидер во регулирањето на американските технолошки гиганти и во потиснувањето на нелегалните содржини и лажните информации на најчесто користените платформи.
„Она што не се толерира на улиците, не треба да се толерира ни на интернет“, изјави за новинарите пред гласањето Летиција Авиа, членка на Макроновото мнозинство во парламентот и автор на неодамнешниот извештај за говорот на омраза.
Фејсбук во последниве години е под надзор поради говорот на омраза, особено откако вооружен напаѓач уби 51 лице во март во Нов Зеланд, а нападот беше емитуван во живо на Фејсбук.
Масакрот ја поттикна премиерката Џасинда Ардерн да ја покрене иницијативата Повик за Крајстчерч, именувана по градот во кој беа нападнати две џамии.
Фејсбук, кој не беше веднаш достапен за коментар, неодамна се согласи да ги достави идентификациските податоци на корисниците осомничени за говор на омраза кон таа платформа до судиите во Франција.
Мрежата ги заостри и правилата за емитување видеоснимки по убиствата во Крајстчерч.
Според францускиот предлог-закон, групите на социјалните мрежи ќе треба да воспостават алатки со кои корисниците ќе можат да предупредат на „јасно недозволива“ содржина поврзана со расата, полот, религијата, сексуалната ориентација и инвалидитетот.
Во случај платформата да не реагира навремено или да не понуди можност за пријавување недозволена содржина, може да ја стигнат казни во висина до 4 проценти од годишниот приход.
Француската регулаторна агенција ќе биде одговорна за спроведување на санкциите, а ќе се формира и специјално обвинителство.
Францускиот закон е многу подрастичен од законот во Германија од 2018 година, според кој локалните власти можат да им изречат парични казни во висина до 50 милиони евра на веб-страниците што не успеваат навреме да го отстранат говорот на омраза.
Неколку групи за слобода на говорот на интернет тврдат дека законот отвора простор за државна цензура бидејќи не е јасно дефинирано што е тоа нелегална содржина.
-Изрекувањето рок од 24 часа за отстранување на нелегалните содржини најверојатно ќе резултира со значително ограничување на слободата, како што се блокирање на законските коментари или злоупотреба на мерките заради политичка цензура“, изјавија од Квадратур ду нет, непрофитна организација што се залага за слобода на говорот на интернет.