Секојдневно Италија се соочува со голем прилив на мигранти преку медитеранската рута, кои се симнуваат на островот Лампедуза.
Франција ја следи ситуацијата во Италија со оглед на последиците што може да ги има врз нив ваквиот прилив на мигранти, а границата со Италија е затворена за нив.
Во време кога бројот на мигранти кои пристигнале во Италија од почетокот на оваа година надминува 131.000, Франција ја оклопи границата со оваа земја за да го спречи нивното преминување.
На границата меѓу Вентимилија од италијанска страна и Ментон од француска страна има голем број агенти на француската национална полиција, жандармерија со кучиња-волци, како и беспилотни летала и хеликоптери кои ја надлетуваат зоната.
Забележани се и специјални технички возила со ознака на специјалното одделение за антитероризам, иако Париз демантира дека се таму за мигранти.
-Многу луѓе пристигнуваат. Брат ми е на пат, доаѓа од Лампедуза. Слушнавме дека за еден ден на островот дошле околу 2.000 луѓе. Тоа е неподнослива ситуација и сакав да заминам, вели еден мигрант.
Жителите на Ментон се загрижени и велат дека нема средно решение и дека власта мора да знае што да прави со овие луѓе.