Европската унија нема да дозволи други земји да ги напаѓаат нејзините суверени граници, рече шефот на француската дипломатија, одговарајќи на коментарите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за преземање контрола врз Гренланд.
Трамп одби да исклучи воена или економска акција како дел од неговата отворена желба САД да ја преземат контролата врз Гренланд и Панамскиот канал.
„Не доаѓа предвид дека Европската унија би дозволила другите земји во светот да ги нападнат нејзините суверени граници“ изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, нагласувајќи дека не верува дека САД ќе го нападнат огромниот арктички остров кој е дел од Данска повеќе од 600 години.
„Ние сме силен континент“, додаде тој.
Изјавите на Трамп дополнително ја илустрираа неговата експанзионистичка агенда, две недели пред неговата инаугурација на 20 јануари во Вашингтон.
„Ако ме прашате дали мислам дека Соединетите Американски Држави ќе извршат инвазија, мојот одговор е „не“. рече Баро.
Тој порача и дека Унијата не треба да дозволи да биде заплашена или претерано загрижена, туку да се разбуди и да се зајакне.