Франција не попушта, нема многу оптимизам пред денешниот министерски состанок

by fokus

Франција не го сменила ставот за проширувањето на Европската унија на вчерашната средба на амбасадорите на ЕУ во Брисел. Според извори на „Фокус“ расправата меѓу амбасадорите завршила без конкретна одлука, што се потврди и со одбивањето на предлогот кој го понуди финското претседателство, а кој предвидуваше старт на преговори за Македонија, и промена на методологијата за преговарање со ЕУ.

Бидејќи амбасадорите на ЕУ биле далеку од консензус, нема оптимизам дека членките ќе ги доближат своите ставови на денешниот Министерски состанок за општи работи во Луксембург. Дипломатски извори велат дека позицијата на Франција се уште не е сменета. Париз и понатаму смета дека се потребни внатрешни реформи во ЕУ пред да се даде зелено светло за пристапни преговори со Македонија и Албанија.

Прашањето за раздвојување на двете држави е се уште тема која ја наметнуваат некои држави, како Холандија и Данска. Во таа насока е и последната изјава на министерот за надворешни работи на Холандија, Стеф Блок, кој изјави денеска дека Македонија е поподготвена од Албанија за почеток на преговорите со ЕУ. Како што рече Блок, Албанија треба да заврши уште многу работа.

Но и покрај тоа, одлучувачки ќе биде ставот на Франција. За сега е неизвесно што ќе одлучат министрите на ЕУ и дали одлуката ќе ја донесат денес или утре. За сега македонските власти полагаат надеж дека ситуацијата ќе се смени на Министерскиот совет во Луксембург, кој ќе го даде правецот на одлучување и на Самитот на европските лидери што треба да се одржи на крајот на неделава.

М.В.

Поврзани новости