Во општината Бонди во близината на Париз беше одржана комеморација по повод 91 година од смртта на македонскиот научник и општественик, д-р Анастас Коцарев, во организација на здружението „Заборавени Македонци“ и во присуство на високи претставници на градската власт и претставници на семејството Пинел, јави дописникот на МИА.
Панихида за познатиот македонски доктор од Охрид отслужи отец Даниел Стојчевски, свештеник во МПЦ-ОА „Св.Кирил и Методиј“ од Париз, а присутните оддадоа почит и на вереницата на д-р Коцарев – Сесил Пинел и положија венец на нивната заедничка гробница.
На комеморацијата присуствуваше и Женевјев Бруне, ќерка на Сесил Пинел како единствен потомок и претставник на семејството. Имено, Коцарев е погребан во нивната семејна гробница и со тоа гробот е сочуван до ден-денес.
Претседателот на здружението „Заборавени Македонци“ Златко Николовски во своето излагање приказната за Коцарев и Пинел ја спореди со „достигнувањата на нивните современици и соработници Пјер и Марија Кири и четиригодишниот период од нивната врска полн со надежи за нивната иднина“.
Делегацијата од француска страна ја сочинуваа градоначалникот на општина Бонди и член на Парискиот регионален совет Стефен Ерве кој беше придружуван од советникот за култура и одбележување настани Отман Асади и Ани Гито, менаџер за политички односи во општината.
Градоначалникот Ерве зборуваше за важноста на д-р Коцарев и неговиот придонес во областа на медицината не само во Франција, туку воопшто, за човештвото.
-Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Ова истражување го спојува на тесна соработка со Марија Кири-Склодовска која во тоа време била професор и директор на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз. Д-р Анастас Коцарев бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак). Таа човечка величина и тој научен придонес почива овде, во нашата општина, подвлече градоначалникот на Бонди, Стефен Ерве.
Поздравно писмо на настанот упати и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите Љупчо Коцарев, кој исто така, потекнува од познатото охридско семејство Коцареви.