Првиот пациент заразен со новиот тип коронавирус во Франција можеби се појавил на 27-ми декември, рече во неделата за телевизијата BFM шефот на одделот за реанимација во болницата во Бобињи, Ив Коен.
Според него, лекарите повторно ги преиспитувале анализите на пациентите со пневмонија, кои биле примени во болницата во декември и јануари, и анализите на еден од 24-те пациенти дале позитивен резултат на коронавирусот.
Истовремено, Коен забележува дека во текот на хоспитализацијата биле изведени тестирања на грип, како и на други видови коронавирус, кои биле негативни.
-Ковид -19 тогаш сѐ уште не се тестираше, појаснува лекарот.
Коен вели дека пациентот боледувал 15 дена и заразил две негови деца.
-Обидувајќи се да го откриеме изворот на болеста, откривме дека неговата сопруга работела во рибарница, веднаш до продавачите на кинеско суши. Можно е таа да заболела асиптоматски. Поединостите треба да ги дознаат другите институции, додава Коен.
Според лекарот, прашањето е дали мажот хоспитализиран во болницата во Бобињи во декември, е „нултиот пациент“ или не.
-Неопходно е двојно да ги препровериме анализите на пациентите со пневмонија низ целата земја за да го утврдиме тоа, заклучи Коен.
Официјално се смета дека првиот заразен со коронавирусот во Франција е регистриран на крајот од јануари, кога се споменуваше хоспитализиран кинески турист. Според француските власти, од почетокот на епидемијата во земјата починале над 24.700 луѓе, додека бројот на потврдените заразени изнесува околу 131.000 пациенти.