Франција ќе го забрани пушењето на плажите, во парковите, шумите и во близина на училиштата

by Fokus

Франција ќе го забрани пушењето на сите нејзини плажи, како и во јавните паркови, шумите и во близина на училиштата, откако претседателот Емануел Макрон вети дека ќе ја создаде „првата генерација непушачи“ до 2032 година, пишува „Гардијан“.

„Од сега па натаму, местата во кои не се пуши ќе бидат норма“, изјави францускиот министер за здравство Орелиен Русо.

Во Франција веќе има 7.200 области без тутун, вклучувајќи ја и Ница на француската ривиера, која прва воведе забрана за пушење на плажа во 2012 година, со одобрение на Француската лига против рак.

Но, владата соопшти дека централната влада ќе воведе забрана на национално ниво наместо поединечни локални власти да одлучуваат за областите каде нема да се пуши.

„Сега ја префрламе одговорноста и воспоставуваме принцип што ќе стане правило“, рече Русо.

Ќе се зголемат и даноците за цигари, со кутија од 20 цигари, сега по цена од околу 11 евра, што ќе се зголеми на 12 евра до 2025 година и на 13 евра во 2026 година.

Владата, исто така, сака да ги забрани електронските цигари за еднократна употреба, за кои Русо вели дека се особено популарни меѓу младите луѓе и имаат големо влијание врз здравјето и животната средина.

Откако во 2008 година беше забрането пушењето во француските барови и ресторани, анкетите покажаа дека француската јавност ја одобрува таквата одлука.

Поврзани новости