Франција планира да испрати воени инструктори во Украина за обука на војници под команда на Киев.
Ова го соопшти генерал-полковник Олександр Сирски, врховен командант на украинската армија, по средбата со видео врска што ја имаше вчера со Себастиен Лекорну, францускиот министер за одбрана.
Киев Индипендент наведува дека најавата на Сирски уследила по информациите дека некои земји-членки на НАТО ја разгледуваат можноста да испратат воени инструктори и експерти во Украина за да обучуваат тамошни војници и да помогнат во поправката на воената опрема.
„Њујорк тајмс“ објави дека Киев побарал помош од САД и НАТО за обука на 150.000 војници поблиску до линиите на фронтот.
Дебатата за потенцијалното присуство на војници на НАТО во Украина беше иницирана по коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон во февруари, кога рече дека ќе ја разгледа таквата можност доколку има барање од Киев.