Франција им оддаде почит на жртвите од терористичките напади од 13 ноември 2015 година

by fokus

Француската премиерка Елизабет Борн денеска им оддаде почит на жртвите од нападите на 13 ноември 2015 година, со едноминутно молчење на местата на нападите во Париз – Сен Дени, Стад де Франс, терасите на Каријон и Петит Камбоџ, Ла Бон Биер, Кочптоар Волтер, Бел Екип и концертната сала Батаклан.

На церемонија се прочитаа имињата на убиените и се одржа минута молк во знак на почит на 130 загинати и повеќе од 350 повредени во најтешките терористички напади во историјата на Франција, за кои одговорноста ја презеде организацијата Исламска држава (ИД), јави дописникот на МИА од Париз.

Историското судење за овие напади заврши на 29 јуни, по десет месеци рочишта. Специјалниот универзален суд во Париз го осуди Салах Абдеслам, единствениот преживеан член на командосите, на доживотен затвор, најтешката казна во кривичниот законик. Неговите 19 сообвинети (од кои за шестмина се претпоставува дека се мртви, им се судеше во нивно отсуство) беа осудени на казни од две години до доживотен затвор.

Елизабет Борн беше во придружба на градоначалничката на Париз Ан Идалго и претседателите на здруженијата на жртвите „Животот за Париз“, Артур Денуво и „13онзе15“, Филип Дуперон.

Поврзани новости