Француските и јорданските воздухопловни сили фрлија седум тони итна хуманитарна и медицинска помош во теренската болница поставена во градот Кан Јунис во Газа, изјави денеска претставник на Елисејската палата.
Јордан и претходно испорача хуманитарна помош во Газа по воздушен пат, а за првпат Франција директно учествуваше во таква операција, иако досега по копнен пат до енклавата испорача околу 1.000 тони помош.
Официјален претставник на француското претседателство потврди дека во таа операција, која се одржа во четвртокот вечерта, учествувале француски и јордански авион.
„Хуманитарната ситуација во Газа останува критична“, објави францускиот претседател Емануел Макрон на X.
„Под тешки услови“ Франција и Јордан со авион пренесоа помош за населението и оние што им помагаат на теренот.
Израел претходно одобри јорданска мисија за помош од воздух во ноември.
Јордан го повлече својот амбасадор во Израел и му нареди на израелскиот амбасадор да се повлече во знак на протест против израелското бомбардирање на Газа, велејќи дека во нападите загинале невини и предизвикале хуманитарна катастрофа.
Канцеларијата за координација на хуманитарни активности на израелското Министерство за одбрана (COGAT) во петокот соопшти дека хуманитарната ситуација се стабилизира и ги негираше тврдењата на извори од Газа и документот на египетската Црвена полумесечина дека блокирале прочистувачи на вода, медицински материјали и столбови од шатори.