Британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон тајно разговараат за можното испраќање на заеднички „мировни сили“ во Украина, по секој потенцијален договор за ставање крај на војната во таа земја, објави денеска британски Телеграф, повикувајќи се на извори во британската влада.
Како што е потврдено за овој медиум од британски воени извори, доколку тоа се случи, британските војници имаат капацитет да водат мировна мисија во Украина, и покрај кратењата во вооружените сили на таа земја.
Високи воени претставници потврдија дека Обединетото Кралство е „во силна позиција“ да ја води мировната мисија во Украина, но дека сè уште нема детално „воено планирање“ на оваа тема, која во моментов претставува „политичка“ позиција.
„Тоа (военото планирање) може да следи доколку и кога ќе се донесе одлука“, изјави висок британски воен претставник.
Изјавата на воениот претставник доаѓа додека Кир Стармер е во посета на Украина, каде што се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски, што е негова прва посета на Киев откако стана премиер во јули минатата година.
Стармер и Зеленски денеска во Киев потпишаа стогодишен договор за партнерство, за продлабочување на безбедносните врски и зајакнување на односите, опфаќајќи девет различни области, вклучувајќи ја и соработката меѓу Велика Британија и Украина во науката, технологијата, здравството, вселената и беспилотните летала.
Францускиот претседател Емануел Макрон претходно се сретна со Зеленски, како и со полскиот премиер Доналд Туск, кога тој ја застапуваше идејата за заедничка мировна мисија со Британците.
Британски воен извор изјави за Телеграф дека распоредувањето на британски и француски трупи во Украина „првично не беше француска идеја“.
Се верува дека овој потег е дел од решението за конфликтот во Украина, пред враќањето на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп во Белата куќа следната недела.
Претставниците на Даунинг стрит и Елисејската палата не негираа дека Стармер и Макрон разговарале за можноста за испраќање заедничка мировна мисија во Украина.