Франција го осуди случајот на Навални како „кривично дело“

by fokus

Франција смета дека станува збор за „кривично дело“ во однос на случајот на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој според германските лекари е жртва на труење, и побара од руските власти „брза и транспарентна истрага“, јави дописникот на МИА од Париз.

– Франција ја искажува својата длабока загриженост за ова кривично дело извршено против голем играч во рускиот политички живот, изјави заменик-директорот за медиуми во Министерството за надворешни работи.

Тој додаде дека е „суштинско руските власти да спроведат брза и транспарентна истрага што овозможува да се утврдат околностите во кои е направен овој акт“.

Париз смета дека „оние што се одговорни за овој чин треба да бидат идентификувани и изведени пред лицето на правдата“ и дека на опозиционерот, како и на неговите блиски треба да им се обезбеди „поддршка во овие тешки околности“.

Непосредно пред тоа, Кремљ го критикуваше избрзувањето на германските лекари кои заклучија дека Навални е отруен.

Навални се уште се наоѓа во индуцирана кома на Одделот за интензивна нега и неговата состојба е сериозна, но животот не му е загрозен.

Лекарите во болницата „Шарите“ во Берлин одбиле да направат каква било прогноза за еволуцијата на неговата здравствена состојба.

Поврзани новости