Франција го обвини Азербејџан дека поттикнува немири на нејзиниот пацифички остров Нова Каледонија, преплавувајќи ги социјалните мрежи со невистинити фотографии и видеа насочени против француската полиција.
Француската единица за откривање дезинформации на интернет Вигинум, формирана како одговор на руските активности во Африка, денеска објави извештај во кој се идентификувани азербејџанските профили на социјалните мрежи како оние кои шират антифранцуска пропаганда.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин за прв упати обвиненија против Азербејџан во четвртокот, но не презентираше докази.
Министерството за надворешни работи на Азербејџан брзо ги отфрли, како што рече, навредливите обвиненија и во петокот повтори дека не е поврзан со протестите во Нова Каледонија.
Вигинум објави дека кампањата вклучувала монтажа на слика на која се прикажани мртви демонстранти за независност покрај белец во позиција за пукање, со натпис „француските полицајци се убијци“.
Азербејџан реагираше луто на француската воена поддршка за Ерменија, република во Јужен Кавказ со која водеа две војни во последните три децении. Франција, која има голема етничка ерменска заедница, беше наклонета кон Ерменија и ѝ обезбеди воена опрема.