За околу 21 милион луѓе во 16 области во Франција од полноќ ќе важат нови, поостри рестрикции, бидејќи земјата стравува од тоа како ќе се справи со третиот бран од ширењето на ковид-19.
Премиерот Жак Кастекс рече дека извесно е дека влегуваат во третиот бран, но мерките нема да бидат како најстрогите кои беа воведени во минатиот бран.
Според новите мерките кои ќе стапат на сила на полноќ, сите несуштински продавници и други бизниси ќе бидат затворени, но училиштата засега ќе останат отворени. На граѓаните ќе им биде дозволено да излегуваат од својот дом за рекреација (трчање и вежбање) најмногу во радиус од 10 километри, а се забрануваат патувања во други региони од земјата освен ако нема оправдана причина. АКо некој од 16-те региони сака да оди во друг, тогаш ќе мора а пополни формулар за да ги објасни причините за патувањето.
На сила останува и полицискиот час, но властите одлучија да го скратат односно тој да почнува од 19 наместо од 18 часот затоа што денот сега трае подолго.
Франција влегува во третиот бран на епидемијата додека власта се соочува со критики за бавното темпо на вакцинација. Земјата, по краткиот прекин, од денеска ќе продолжи со користење на вакцината на „Астра Зенека“, а премиерот Кастекс најави дека ќе се вакцинира со неа за да докаже дека е безбедна.
Во последните 24 часа во Франција беа забележани 35 000 нови случаи со ковид-19, а ситуацијата е најкритична во Париз каде има 1 200 лица кои се на интензивна нега, што е повеќе отколку во вториот бран во ноември.