Францускиот министер за финансии Ерик Ломбард изјави дека очекува САД да ги поддржат европските мировни сили по прекинот на огнот меѓу Украина и Русија.
Говорејќи за телевизијата Блумберг во Кејп Таун, каде што присуствува на состанокот на министрите за финансии на Г-20, Ломбард рече дека Велика Британија, Германија, Франција и другите европски земји се подготвени да испратат сили за да го гарантираат спроведувањето на прекинот на огнот.
„Ако сакаме да се почитува примирјето, потребна ни е поддршката од САД“, рече тој утрово и додаде: „Верувам дека Американците се согласија за тоа“.
Претходно оваа недела, Ломбард отпатува во Вашингтон заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, каде што разговараа за ситуацијата во Украина и трговските односи со американските претставници, вклучително и претседателот Доналд Трамп и министерот за финансии Скот Бесент.
„Разговаравме за сите прашања – трговија, царини, нетарифни бариери“, рече Ломбард.
Тој додаде дека тој и Бесент размениле броеви на мобилни телефони и дека повторно ќе се сретнат во април на пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон.