Епидемијата на новиот коронавирус продолжува да се шири во Франција, со што таа станува второто жариште во Европа, со вкупно 130 заболени, јави дописникот на МИА.
Вкупно 130 лица сe заразени во земјата, од кои две лица починаа. До вчера 18 часот имало уште 100 потврдени случаи, од кои 9 во тешка состојба, 12 биле излекувани, 2 починати и 86 на болничко лекување. Меѓу заболените има две деца на возраст од 1 и 5 години и нивната 27-годишна мајка кои се заедно на лекување во Стразбур.
Во прекуморските територии и департмани има три случаи на заразени во Сант Мартан о Сант Бартоломеј.
Франција ги откажа сите собири на повеќе од 5.000 лица во затворени простории, како денешниот последен ден од Саемот на земјоделство во Париз, а е откажан и Салонот на книгата во Париз. Оваа одлука на француската влада се применува и на некои надворешни настани, како полу маратонот во Париз или неделниот пазар во Креј (парискиот регион). Во Оаз, департман со дури 36 случаи на заразени, каде почина наставник, од утре основните и средните училишта – вкупно 102 се затворени. Францускиот совет на муслиманската вера побара од имамите и одговорните на џамиите да преземат соодветни мерки за заштита. МИА