Франција сака независна и темелна истрага за околностите на смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи, Стефан Сежурне.
Тој истакна дека Франција ги смета руските власти целосно одговорни за смртта на Навални, пренесува порталот Политико и потсетува дека рускиот амбасадор во Франција е повикан на разговор поради смртта на најистакнатиот противник на рускиот претседател Владимир Путин.
„Режимот на Путин го покажа своето вистинско лице“, оценува Сежурне во писмената изјава.
Официјален Париз побара итно и безусловно ослободување на сите политички затвореници во Русија и изрази длабока загриженост поради критичната состојба на другиот противник на Путин, Владимир Кара-Мурза, кој минатото лето беше осуден на 25 години затвор под обвинение за предавство.
Навални почина во петокот во казнена колонија во близина на Арктичкиот круг, каде што беше префрлен неколку недели претходно.
Кремљ соопшти дека обвинувањата дека е вмешан во смртта на Навални, изнесени од многу западни земји, се неосновани.