Членовите на ВМРО ДПМНЕ – Демократска Фракција се вчудоневидени од молкот, леснотијата и волунтаризмот со кој политичката и судската власт во државата се однесува кон случајот со пребегнатите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, реагираат фракционерите.
„Одбивањето на екстрадицијата на обвинетите поранешни високи функционери во МВР од страна на Врховниот суд на Грција и неговото толкување на поништената аболицијата (патем се работи за аболиција заснована на укинат член од Законот) е дрско мешање во внатрешните работи на правниот и политичкиот систем на Република Македонија. Дополнително не зачудува фактот што највисоките политичките власти на нашата држава во име на духот на доброседските односи со нашиот јужен сосед и зајакнатата доверба, досега јавно не протестираа на одлуката на грчкиот Врховен суд и не побараа меѓународна поддршка за испорачување на клучите играчи во процесот на досега незапаматеното кршењето на човековите права на граѓаните на Република Македонија“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ – ДФ.
Од таму велат дека се работи за обвинети личности кои учествувале во масовно прекршување на човековите права и функционери кои имале пристап до голем број државни тајни. Дополнително, додаваат фракционерите, страшни и сè позагрижувачки се информациите и индициите дека Врховниот суд на Груција одлуката за неесктрадиција ја донел поради отстапениот голем број прислушувани разговори и други државни тајни од страна на обвинетите, начин со кој како што истакнуваат, се загрозени сигурноста и безбедноста на голем број македонски граѓани и на македонската држава, при што повеќе од 20.000 прислушувани граѓани на Република Македонија во иднина можат да бидат лесна цел на грчките безбедносни и разузнавачки служби.
„Со овој чин, неекстрадираните обвинети македонски граѓани сториле тешки кривични дела против државата (шпионажа, загрозување на независноста, саботажа, оддавање државна тајна и др.) и ОЈО е должно против нив, како и против нивните соучесници и помагатели во дејстијата да покрене нови кривични постапки. Неразбирливо е како досега сеуште на слобода се луѓето кои им помогнале да избегаат, почнувајќи од Врховните судиите кои им ја укинаа мерката притвор, оние кои биле логистика пред и за време на бегството како и нивните сегашни финансиски помагатели кои им се добро познати на јавноста и органите на прогонот“, велат од фркацијта на ВМРО-ДПМНЕ.
Фракционерите ги повикаа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, собранискиот спикер Талат Џафери и сите останати надлежни да преземат акција за враќање на „обвинетите злосторници и предавници“ во Македонија.
„Доста беше од замижување на едно око, празни и лажни ветувања и неправда. Внатрешните непријатели на нашата држава, патем соучесници и помагатели во овој случај мора уште денес да се најдат пред лицето на правдата. Законите во оваа држава мора да важат подеднакво за сите, почнувајќи прво од нас самите“, велат фракционерите.