Фракции во Левица

by fokus

Членови и основачи на новоформираната левичарска партија „Левица”, незадоволни од организацијата и начинот на одење на овие избори, денеска најавија дека ќе формираат внатрешна фракција под името „Единство”. Таа ќе има за цел, како што велат, да го обедини членството и да ја врати партијата на вистинскиот пат.

-Изминатата година Левица покажа храброст, знаење, желба за промени, но не и политичка зрелост и мудрост. Не беше донесен стратешки план, туку беа исполнувани желбите на одредени лидери. За да се оствари тоа беше прекршен Статутот на партијата и беа употребени лаги и манипулации со членството. Беа искажани закани за бркање од партијата и дисциплински постапки. Ние не ја формиравме Левица за да формираме нови диктатори, туку за да формираме нови лидери- изјави денеска Маријан Ненов, еден од основачите на партијата.

Фракцијата Единство се согласува со програмата на партијата, но не и со одлуката самостојно да одат на избори. Тие деновиве се обидоа и со судска тужба да го запрат учеството на партијата на парламентарните избори, но не го добија спорот.

Предводникот на кандидатската листа на оваа нова партија во ИЕ 1, Димитар Апасиев пак, вели членовите имаат право на фракции, но обвинува дека тие саботираат веќе донесени одлуки на партијата. За самостојното одење на избори тврди дека преговори воопшто и немало, а обвинува дека најверојатно на членовите од фракцијата им се нуделе примамливи позиции по изборите.

Поврзани новости