Фоторепортери бараат по 250 евра за украдена фотографија

by fokus

Фоторепортери од македонските медиумите организирани преку Иницијативата за заштита на правата на авторите, испратиле опомена пред тужба до десетици медиуми за неовластено користење на нивните авторски фотографии. Авторите бараат да бидат обештетени со по 250 евра за украдена форографија.

Иницијативата е поддржана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Нивниот адвокат Наталија Миленковска испратила триесетина опомени до медиумите да се јават за да се постигне спогодба за надоместок кон авторите на фотографиите. Во спротивно, ќе уследат тужби, објаснува Миленковска за „Мета“

– Опоменатите добија рок од пет дена да ни се јават за да се договориме како ќе се постапи во овој случај, за спогодбено да ги обештетат авторите. Станува збор само за случаи за комерцијална употреба на фотографиите. Испративме триесетина опомени, а ќе има уште многу. Интензивно работиме на тоа, а имаме и многу потешкотии. На пример, некои портали што неовластено презеле и објавувале фотографии не се на оние адреси што се наведени во импресумите, па имаме многу работа да ги пронајдеме – објаснува адвокатката.

Според фотографот Томислав Георгиев, кој е еден од оние што ја почнаа оваа акција поддржани од адвокатката, идејата не е толку да се спечалат многу пари по секоја цена, туку да се постави пример како ќе се однесуваат луѓето кон трудот на фоторепортерите.

–На моја иницијатива, половина и повеќе од парите што би се зеле, ќе одат за адвокат. Идејата не е да заработиме, туку да се реши веќе овој проблем и да се постави пример. Многупати во изминативе години се краделе мои фотографии, но сега веќе мора нешто да се преземе за да прекине оваа „перверзија“. Станува збор за барање за обештетување од по 250 евра по неовластено објавена фотографија, но и на тоа би попуштиле, вели Георгиев. – вели Георгиев.

Како што вели тој, досега фоторепортерите доставиле докази за околу 150 случаи на украдена фотографија. Во некои случаи имало и по 50 крадења на фотографија во еден ден, како во случајот со фоторепортерката Маја Златевска, чија фотографија од судење на Никола Груевски за само неколку часа доживеала 50 „преобјавувања“.

 

Поврзани новости