Косовската поетеса и активистка за човекови права Фљора Бровина, која е актуелна пратеничка на Демократската партија на Косово (ПДК), денеска од собраниската говорница покажа фотографија од силување на една жена, како и сликата на седумгодишно девојче кое, како што тврди, починало по силувањето од страна на српските воено-полициски сили во војната во 1999 година.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, пратеничката на владејачката ПДК фотографиите ги објави во текот на денешната парламентарна расправа за усвојување „резолуција за српскиот геноцид во Косово“ и за формирање комисија која ќе работи на основање меѓународен суд за српските злосторства во последната војна.
На првата фотографија се гледаат тројца српски војници како, според Бровина, пред членови на нејзиното семејство силуваат 35-годишна жена. Пратеничката рече дека сликата била пронајдена во фото-апарат на српски војник кој присуствувал на настанот.
На објавувањето на таа слика реагираше пратеничката на опозициското Движење Самоопределување (ВВ), Саранда Богујевци, со тврдење дека членовите на семејството на силуваната жена биле трауматизирани од сликата и побара од медиумите да не ја објавуваат.
Дел од домашните аналитичари и медиуми реагираа со обвиненија дека се манипулира со жртвите од војната заради стекнување политички поени, имајќи предвид дека Собранието расправа за барањето на партискиот шеф на Бровина, парламентарниот спикер Кадри Весели, за формирање комисија за трибуналот за српскиот геноцид во Косово.
Бровина во изјава за телевизијата Т7 одговори дека за објавувањето на сликата добила дозвола од самата жртва, за која рече дека е подготвена лично да сведочи за настанот, како и од нејзината мајка.
Во продолжение на собраниската седница, Бровина од собраниската говорница објави уште една фотографија, овој пат на седумгодишно починато девојче, за кое рече дека починало од последиците на силување од страна на припадници на српските сили во 1999 година.
– Нека се трауматизира кој колку сака, но вистината за српските злосторства мора да стасаат таму каде што треба, изјави Бровина.
Таа нагласи дека Србија во Косово извршила геноцид уште пред војната во 1998-99 година со масовните убиства на цивили и силувања, со затворањето на училиштата и бркањето на Албанците од работа.
За време на косовската војна, на 20 април 1999 година, Фљора Бровина беше киднапирана од нејзиниот стан во Приштина од страна на осуммина маскирани српски полицајци и одвезена во непознат правец. Светската јавност дозна за настанот откако на 24 април нејзиниот син успеа да го контактира меѓународниот ПЕН центар. Во јули истата година, по влегувањето на силите на НАТО во Косово и повлекувањето на српската војска и полиција, таа е префрлена во затвор во српскиот град Пожаревац. Тамошниот суд, на 10 декември 1999, ја осуди на 12 години затвор, под обвинение за тероризам и непријателска дејност против уставниот поредок на тогашна СР Југославија. Година и пол по апсењето, под притисок на меѓународната заедница, српските власти ја пуштија Бровина од затвор. По ослободувањето таа активно се вклучи во политиката и веќе во неколку мандати е пратеничка на ПДК во Собранието на Косово.