Сѐ уште нема повеќе детали за мистериозната гробница која археолозите ја открија во северниот дел од Грција, а за која веќе се шпекулира дека е вечниот дом на Александар Македоски, неговата жена Роксана или на нивниот син Александар IV. Грчкиот премиер Антонис Самарас минатиот месец дополнително ги поттикна шпекулациите откако го посети археолошкиот сајт кој се наоѓа во античкиот град Амфиполис и таму изјави дека Грција е на работ на големо археолошко откритие.
Експертите засега откриваат дека таму лежат посмртните останки на важна фигура која живеела во последната четвртина од 4. век пред нашата ера, меѓутоа пораширено е мислењето дека Александар е закопан во Египет и дека гробницата во Амфиполис најверојатно му припаѓа на некој од неговите генерали.
Досега за гробницата се знае дека се наоѓа на локалниот рид Каста и дека е десет пати поголема од онаа за која се верува дека е на Филип Втори. Долга е 500 метри и ја изградиле од мермер донесен од блискиот остров Тасос, а дополнително се шпекулира дека ја замислил архитектот и блискиот пријател на Александар, Динократес.
Месноста е позната по четириметарската статуа на Лавот од Амфиполис.