Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа централно одбележување на Рождеството Христово-Божик, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан одржа архиерејска литургија на Св.Василиј Велики.
-Со раѓањето на Синот Божји – Господ Исус Христос, Божјата светлина го огреа сиот свет. Бог Словото слезе на земјата и стана Човек, за да го обнови единството на Бога со човекот, зашто, според зборовите на свети Григориј Богослов, пред овој спасителен настан се беше отворила „голема и непремостлива провалија“, меѓу Создателот и првиот Адам. Но, со раѓањето на Богомладенецот се објави Божјата неизмерна добрина и Неговото човекољубие победи. Затоа и нашиот свети Климент Охридски, созерцавајќи го Рождеството Христово, воскликнува: „Радувај се, првосоздаден Адаме, бидејќи ти не беше оставен во адот! Ете, твојот Спасител и Избавител доаѓа да се роди од Дева; и Бог станува Човек, за да ја обожи човечката природа, порача г.г. Стефан за време на својата литургија.
На литургијата во Соборниот храм каде имаше голем број верници, присуствуваа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски, присуствуваше на Божиќната служба во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, во чест на празникот Христово раѓање – Божиќ, а со којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј.
Фото: Томислав Георгиев