Со свирежи од автомобилите, жителите на населбата „Јака“ во општина Илинден, денеска излегоа на протест, со надеж дека конечно ќе го „разбудат“ градоначалникот Жика Стојановски за да ги види и слушне нивните проблеми.
Протестот, кој трае во моментот, е со возила во движење низ општина Илинден во знак на револт поради тоа што општината ги игнорира проблемите со кои се соочуваат овие жители, односно немање канализација, непробиени и неасфалтирани улици, немање јавен превоз, немање улично осветлување…
Протестот почна од населба „Јака“, и продолжи пред зградата на општина Илинден, со задржување пред општинската зграда со свирење од возилата.
Жителите од „Јака“ велат дека со свирежите од автомобилите симболично ќе се обидат да го разбудат градоначалникот Стојановски од “зимскиот сон“ кој му трае веќе 9 години, во кои цело време има мандат, но не реши ниту еден главен инфраструктурен проблем во населбата, ниту некогош дојде лично да ги виде условите за живот.
Протестот трае континуирано веќе цел месец, по еден ден во неделата и досега беше пред зградата на општината. За цело време на протестот, градоначалникот Стојановски ниту еднаш не излезе да им се обрати на жителите на „Јака“.
„Јака“ е населба во општина Илинден, во која покрај помпезната најава дека ќе биде елитна, се уште се живее со септички јами, во мрак, во кал до колега, без јавен превоз до населбата, без превоз за децата кои одат во училиште, со необележани улици, без можност за непречен пристап на Брза помош или противпожарно возило.
Жителите најавуваат дека протестот ќе продолжи и во иднина, преку акции соодветни на ситуацијата и односот на локалната власт кон жителите на „Јака“.