(ФОТО) Врвот Мусица – неверојатен предел на еден час од манастирот на Тоше во Крушево

by Fokus

На десетина километри од Крушево, се наоѓа највисокиот врв на Бушева планина, Мусица (1788 метри н.м.в), ретко посетуван врв од каде се гледаат сите  убавини на Македонија.

До врвот се стигнува преку две патеки – планинарска патека и асфалтен пат кој води до манастирот Св. Преображение, во чија изградба свој придонес имаше и македонската поп икона Тоше Проески.

Авантуристите најчесто ја избираат планинарската патека која кружи околу планината и патот после неколку километри се двои – кон манастирот и кон ловечкиот дом, од каде врвот Мусица е на десната горна страна.

Манастирот Св. Преображение е како почетна точка за планинари-почетници, но ретко кој го искачува овој врв, освен организирани планинарски тури преку летото. Тоа е веројатно поради оддалеченоста од градот и полесниот пристап до скијачките терени „Станич“.

Таму патеките се добро направени, а има и кафулиња каде туристите и локалните жители можат да одморат и да го испијат првото утринско кафе.

Од манастирот до врвот Мусица има уште еден час пешачење низ планински предел, кој на дланка ви дава голем дел од нашата земја. Од самиот врв се гледаат повеќе планински масиви и врвови во Македонија, а особено е убаво во овој зимски период, кога и во Крушево има снег.

Со снежната покривка, деновиве значително порасна бројот на туристи во градот, а угостителите се надеваат дека ќе имаат добра зимска сезона, која ќе ги излечи раните од претходната година, кога корона вирусот зададе голем удар врз туризмот.

Текст и фото: Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости