Уште од раните утрински часови во Неготино, на бензинската станица ,,Макпетрол’’ има голема турканица, затоа што се дели бостан без пари. Луѓе доаѓаат и понесуваат кој колку може, ги полнат багажниците на автомобилите и задоволни си заминуваат.
Големата приколка на камионот во кој се наоѓа бостанот, според зборовите на возачот на истиот, има капацитет од околу 10 тона. Тој вели дека брза да ја даде и последната лубеница и да си оди дома.
-Јас ништо не знам, превозник сум. Ангажиран сум од одгледувач на бостан од Струмица, поради лошата откупна цена ми рече да го разделам целиот бостан без пари – вели човекот, при тоа одбивајќи да ни даде повеќе детали, како на пример зошто доаѓал дури до Неготино и правел дополнителни трошоци за превоз, ниту пак кој е сопственикот на бостанот кој заврши кај неготинчани без пари.
-Ништо не ме прашувајте! Брзам да завршам работа и да си одам дома, толку од мене – порача тој.
Веста дека се делат бесплатни лубеници, и тоа кој колку може да понесе, го преплави градот за кратко време. Додека бевме таму, од сите страни доаѓаа возила, излегуваа луѓе и товараа лубеници.
-Не ми се веруваше, ама навистина давале бесплатно – се радуваше една од жените со лубениците под мишка. И возилото на една од детските градинки беше паркирано веднаш до приколката со лубеници, а возачот ни кажа дека кога веќе се дели без пари, од градинката решиле да земат лубеници за ужинка на децата.
Според тврдења на присутните граѓани, и на други бензински станици се случувало истото и се делеле лубеници.
-Супер е ова, уште да знаеме дали и други земјоделски производи ќе се даваат, па да планираме и за зимница – се шегуваа некои од нив.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски моментално се наоѓа во Париз, Франција, како делегат во Меѓународната организација за вино ОИВ, каде учествува на годинешното вонредно генерално Собрание на организацијата, на кое што ќе се избира нов претседател и генерален директор на организацијата.
По пат на СМС тој ни рече да ја контактираме Соња Јанковска, портпарол на министерството за повеќе информации.
Околу тоа дали има криза во откупот на бостанот, по која цена се откупува, и која е логиката камиони од струмичко да доаѓаат до Неготино и да прават дополнителни трошоци за превоз, Јанковска вели дека нема застој во откупот на лубениците, а тие кои што се делеле бесплатно биле откупени од страна на компанија која решила на своите бензиски станици да им дели бостан на корисниците на нејзините услуги.
-Откупот на лубениците се одвива непречено и нема застој. Во последните 7 дена се откупени 800 тони лубеници, а за денеска според информациите од откупувачите е планиран откуп на околу 130 тони . Во следните денови според информациите од откупувачите, е планиран откуп на уште околу 200 тони лубеница. Откупната цена на лубениците се движи од 3 до 4 денари за килограм – информира Јанковска.
На прашањето зошто камиони доаѓаат дури од струмичко, таа вели дека тоа е бизнис одлука на компанијата која била откупувач на бостанот.
-Во врска со вашето прашање, МЗШВ има информација дека одредени количини на лубеница се откупени од страна на општествено одговорни откупувачи и фирми. Лубениците во камионите во Неготино се откупни од страна на една компанија која што одлучила на своите бензиски пумпи да ги дели лубениците на корисниците на нејзините услуги. Тоа е бизнис одлука на самата компанијата и нејзин бизнис интерес. Повторно ви потенцираме дека нема криза во откупот на бостан. Екипи од МЗШВ се постојано на терен, а апелираме до земјоделците да не потпаѓаат на политички монтирани информации и создавање на вештачка криза. Точно е дека во одредени денови варира откупот, но затоа МЗШВ и во следниот период ќе ја следи состојбата и доколку е потребно ќе преземе соодветни мерки. Сите земјоделците кои имаат било каков проблем, слободно можат да ги контактираат Подрачните единици на МЗШВ или директно МЗШВ – ни изјави Јанковска.
Вики Клинчарова