Центарот за македонски јазик во Грција, невладината организација која успеа да се регистрира во Грција, денеска објави примерок од покана за распит од 1939 година во Лерин поради зборување македонски јазик.
-Работи кои денес можеби ви изгледаат чудни, но само неколку децении наназад, говорителите на македонскиот јазик во Грција се влечкаа по судовите само бидејќи се осмелуваа да прозборат на нивниот мајчин македонски јазик.
Пример од селото Нерет, Леринско (Полипотамос, Флорина), каде во 1939 година, јавниот обвинител од Като Идруса (Долно Котори) го покани Јане Митрин за распит и потоа за судење, бидејќи тој прозбори јавно на „јазик неразбирлив од сите (словенски)“.
Чудно обвинението. Чуден и фактот околу разбирливоста на јазикот од сите, бидејќи селото Нерет беше и е македонско говорно село во целост и зборовите на Митрин ги имаа разбрано сите, велат од Центарот за македонски јазик.
Инаку, Обвинителство во Грција покрена постапка за поништување на регистрацијата на ова здружение, бидејќи, како што рече локалниот обвинител, се обидувало да формира македонско малцинство, кое според него не постои. Постапката е во тек и се очекува наредниот месец да има рочиште.