Планинарот Гоце Кулевски денеска бил прилично изненаден од глетката која се појавила пред неговите очи на една од планинарските патеки на Водно.
Помеѓу дрвата во планината, била поставена бодликава жица, со очигледна намера – да се попречи движењето на рекреативците, но и на велосипедистите на овој дел од планината.
„Ова го забележав при нашата секојдневна тура планинарска, која почнува покрај резиденцијата на претседателот Пендаровски, се до Средно Водно. Поминавме и покрај патеката, а истата ја возат велосипедисти, затоа што е пократка и има направено имрповизирани скокалници. Не знам зошто некој би направил такво нешто“, вели Кулевски, кој случајот не го пријавил во МВР туку само апелирал на внимание преку социјалните мрежи.
Минатото лето, велосипедист беше лесно повреден откако возејќи, наишол на оптегната врвца кај Автокоманда, а ланскиот септември имаше и смртен случај на мотоциклист во Хрватска, кој смртно настрадал при удар со телото во бодликава жица.
Очигледно е дека граѓаните треба да бидат внимателни кога се движат, но и да ги пријавуваат ваквите случаи за да нема никакви несакани последици.
Јорданчо Цветаноски