Откако „Бетон Скопје“ се соочи со потешкотии во работењето, што резултираше со отворање на стечајна постапка, останаа недовршени неколку објекти, меѓу кои е и административната зграда на Народната банка, лоцирана веднаш до МНР. По неуспешните преговори за измени на договорот меѓу двете страни, Народната банка го раскина договорот со скопски „Бетон“, кој требаше да го изгради објектот до крајот на 2022 година.
Поранешна фирма на зетот на Минчо ќе го воскреснува скопски „Бетон“ од стечај!
„Заради променети околности (Ковид 19, пораст на цени на градежни материјали, пораст на минимална плата, војна во Украина, пораст на цена на струја, нафта и гас), официјално баравме изнаоѓање на законска рамка во која ќе може да бидеме обештетени за енормното зголемување на трошоците за градење, а со тоа и загубите на компанијата“, соопштија од компанијата-изведувач уште пред да падне во стечај, кој се уште е во тек.
Сепак, скоро 2 години подоцна, објектот се уште зјае недограден, а во овој период не се одвиваат никакви градежни активности. Како што не информираа од Народната банка, „Бетон“ реализирал 62 проценти од договорот за 918 милиони денари или околу 15 милиони евра, додека изградбата треба да продолжи откако претходно ќе се извршат измени на Одобрението за градење.
„Договорот за градба, кој беше склучен во 2016 година со Бетон АД, Скопје, беше спроведен во речиси 62 проценти, односно за изградбата досега се потрошени 918.602.679 денари. По раскинувањето на договорот за градба, Народна банка ги презеде сите неопходни чекори за заштита на имотот на банката, како и за утврдување на можностите за завршување на градбата во блиска иднина.
Во моментов се очекува одобрување на неопходните измени на Одобрението за градење од надлежниот орган, за што се доставува барање со приложено прилагодување на проектната документација. Измените во проектната документација, подготвени во рамки на договор за јавна набавка на проектантски услуги, беа неопходни заради прилагодување на Основниот проект согласно досега изведените работи… “, ни одговорија од Народна банка.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека преку интервенции во Законот за градење до крајот на годинава треба да се продолжи рокот во градежните дозволи за неколку незавршени објекти од рамки на проектот „Скопје 2014“, со цел да се создадат услови за нивно завршување. Во тој контекст, Мицкоски ги спомена новите факултети во УКИМ, но и зградата на Народната банка.
Влатко Стојановски