Над 130 илјади Шпанци протестираа синоќа во Валенсија барајќи оставка од регионалниот претседател Карлос Мазон поради лошата реакција на минатонеделните катастрофални поплави, во кои загинаа повеќе од 200 луѓе, а околу 100 луѓе се водат како исчезнати. Демонстрантите го исполнија центарот на источниот шпански град и извикуваа „Убијци! Ние сме извалкани со кал, вие сте извалкани со крв“
Демонстрантите ги обвинија локалните власти дека предоцна издале предупредување за поплави.
Сликите покажуваат дека Градското собрание на Валенсија е измачкано со кал, додека новинската агенција Ројтерс известува дека демонстрантите фрлаат столици и други предмети.
Голем дел од учесниците на протестната прошетка носеа транспаренти и скандираа „Мазон, оставка!“, Други носеа натписи со пораки како „Не’ убивте!“.