ФОТО Велешкото езеро како Сен Тропе, преполно со посетители и капачи

by Fokus

За време на викендот велешкото езеро Младост беше доста посетена дестинација. Стотици автомобили можеа да се забележат покрај езерскиот брег, а пак на паркинзите на угостителските локали речиси и немаше каде да се паркира.

Помеѓу гостите, покрај локалното население, најмногубројни беа скопјани. Преовладуваа автомобилите со скопски регистарски таблици, и голем број на посетители освен на отворените летни тераси, се разладуваа и покрај езерото, на поставените маси и клупи во летниковците. Риболовци, капачи, кајакари, топлиот бран го преполни езерото.

-За половина час со автомобил сме тука, велат посетители од Скопје, убаво е, сенки, вода… Не не плаши короната, па секаде ја има – додаваат.

Летните тераси покрај езерото работат со полна пареа. Масите се раздалечени, вработените ги носат задолжителните маски. За слободна маса, се случува да треба да се почека поради навалата од гости. И летниковците покрај брегот беа преполни, посетители доаѓале уште во раните утрински часови, за да зафатат слободни маси и клупи. Од најавената реконструкција, по големиот пожар кој се случи лани во август и уништи голема шумска површина околу езерото, забележителни се само новоизградените пешачки патеки.

Крајбрежјето, сепак уште не е средено. Нема ништо од најавата за детски парк за авантури, типизираните куќи со сончеви панели, пејсажното и хортикултурно уредување покрај брегот, проект кој општината го претстави уште во 2018 година, кога информираше дека Велес добил грант од Светска банка за уредување на околината на езерото Младост.

-Проектот е вреден милион евра и е насловен „Паметно езеро Младост“. Со него, езерото Младост треба да добие нов лик, нови содржини и да биде привлечно туристичко одредиште- најавија тогаш од општината.

Сепак, и покрај тоа што крајбрежјето е речиси исто како во изминатите години, без очигледни промени, езерото е доста посетено.

Вики Клинчарова

Поврзани новости