Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во, како што велат, драматична комбинирана акција и од воздух и од земја, денеска е спасена 68-годишна туристка од Чешка која имала скршеница на ногата.
Драмата се одвивала на Галичица, на околу 2 000 метри надморска височина, а во акцијата учествувале спасителите од Планинската спасителна служба при Црвен крст од Охрид.
На жената прво и била дадена итна медицинска помош на самото место, а потоа со интервентен хеликоптерски превоз на МВР е пренесена до најблиско место за давање соодветен медицински третман.
Спасителната акција се одвивала буквално во временски меѓупростор на транспорт на доброволци и вода при гаснење пожар на планината Галичица, по што храбрите доброволни спасители од Охрид и пилотите на МВР се вратија на гаснење на големиот пожар на планината“.
Според ЦУК, токму охридските спасители што ја спасиле туристката, деновиве постојано гаснат пожари на тешко пристапен терен каде се носат со хеликоптер на МВР.