Денес во градскиот парк во Стар Дојран беше претставена скулптурата ,,Срце за вечност” во чест на Емилија Динева, првиот донор на срце и органи во земјава.
Делото изработено во форма на срце е на младиот академски скулптор Андреј Минчевски, во знак на благодарност кон семејството на Емилија за хуманоста. Реализацијата на проектот е на Центарот за современи уметности – Скопје и Општина Дојран со финансиска поддршка од Фондацијата отворено општество – Македонија, а скулптурата е работена во техника која опфаќа спој на различни материјали како мермерно брашно, епоксид, метал изработени во стандарден скулпторски опус.
-Скулптурата „Срце за вечност” на академскиот скулптор Андреј Миневски е водена од идејата да се овековечи дарувањето на органи како еден од највисоките чинови на човековата хуманост и можност кога еден живот згаснува друг да се распламти односно како што најчесто и бива да започне одново. Токму затоа и тематиката на скулптурата, но и нејзината визуелност ја третира и темата на бесконечноста и начините со кои човекот може да се поврзе со бесконечноста преку постојната размена на енергии и материи. На овој начин авторот го овековечува херојството на Динева, односно нејзиното семејство, отворајќи и го патот до бесконечноста и незаборавот- велат иницијаторите на акцијата.
Вики Клинчарова