Модниот дизајнер Мите Занов и во време на светска пандемија ја покажа својата креативност на дело.
Тој ја претстави својата нова колекција насловена „Dunes” и вели дека инспирацијата за неа ја пронашол во пустината, како копнено подрачје, но и како метафора.
Кратки и долги пантолони, мини и миди фустани, здолништа, сакоа, блузи, надополнети со рачно изработен накит во златна боја, природни материјали во земјени тонови, свила, памук, шифон и вискоза, се дел од интересната колекција на младиот валандовчанец, кој долги години наназад живее и работи во Скопје.
Креациите изработени во време на пандемија, кога и модниот свет функционира според нови правила, изгледаат светски, како од пистите од ревиите на врвните модни имиња.
Занов вели дека сега не само кај нас, туку во целиот свет, модната сцена функционира во поинакво секојдневие, а уметниците се трудат да се прилагодат и да продолжат да бараат инспирација и да творат.
-Најмногу се функционира преку онлајн продажба и презентации. Закочени сме со нарачки и клиенти, но се трудиме со позитивна енергија да внесеме и покажеме нешто убаво во време на оваа пандемија. Мислам дека сите заслужуваме да прочитаме убави вести – појаснува Мите.
За новата колекција, вели дека е благодарен на целиот тим, на фотографот Мартин Трајановски, на моделите Ангела Младеноска, Соња Граздани, Магдалена Горгиевска, стилистката Миа Арабаџиева, фризерката Елена Николовска, асистентите Димитар Бабков и Тони Петрушевски, и на сите останати кои на некој начин помогнале во реализацијата на овој проект.
-Пустинските дини, создадени со напластување на песок, разнесен со помош на силата и моќта на ветерот, симболично за мене ги претставуваат сите предизвици што ги носи животот на секоја индивидуа… убави и среќни моменти, подеми и падови, искачување и исполнување на целите, разочарување од самите себеси и од другите, животни приказни, секоја сама по себе уникатна и посебна на свој начин. Пустината, што се смета за еден вид изолиран простор на Земјата, простор без вегетација, со мал процент на вода, и место на Земјата каде условите за живот се многу оскудни или воопшто ги нема, метафорично е поврзана со ситуацијата и состојбата во која се наоѓа моментално цел свет. Изолирани, затворени, без љубов и со изгубена надеж… Но, сепак со борба, единство и позитивна енергија. Но, пустината си има своја волшебна убавина, исто како и секој човек на оваа планета. Од тука доаѓа и главната порака на колекцијата, без разлика на се, без разлика на тоа што и да ви се случува во животот, колку и да се чувствувате осамено, изолирано, несакано, разочарано, без срам треба да прифатите тоа што сте… Дајте си сами на себе љубов, почитувајте се, сакајте се и не заборавајте, секој од вас е посебен и волшебен на свој начин. Себе љубовта, на оригинален начин е прикажана преку кроевите на креациите со техника која за мене претставуваше нов вид на изработка и експериментирање… односно, воведов интересен начин на спојување на материјалите, преку спирална техника, која може да се забележи во неколку модели и со која се прикажува обвиткување на телото, себе-гушкање, допирање и галење… Со оваа техника, значително да се напомене и дека нема никаков отпад при изработка на моделите, односно преку zero waste на самите материјали, со мали но сигурни чекори, се обидов свесно да допринесам во заштитата на планетата Земја, помало загадување за почист живот. Материјалите во колекцијата, се внимателно одбрани, меѓу кои преовладуваат лесни и лелеави материјали, погодни за летна сезона, како памук, вискоза, свила и шифон. Палетата на бои е совршен приказ на пустината… земјени тонови, крем нијанси, загасити сиви, зелени, жолти и розови тонови, како и контраст на црна и бела боја. Во колекцијата е застапен различен асортиман на дизајни и модни парчиња, кратки и долги панталони, кратки и миди фустани, сакоа, здолништа, комбинезони, блузи, а исто така целосната слика ја надополнува и рачно изработен накит во златна боја, аксесоари кои нагласуваат посебен дел од телото – појаснува дизајнерот.
Тој е познат на јавноста по голем број на соработки со наши јавни личности. Зад себе има соработки со Тамара Тодевска, Јана Бурческа, групата Ај Кју, учесниците од Македонски Идол и други лица од естрадата. Како дизајнер кој стои позади брендот ZANOV, првата колекција ја имал во Октомври 2015 година и оттогаш професионално започнала неговата кариера. И во текот на неговите студии работел на многу проекти.
Вики Клинчарова