(ФОТО) Саем на книга 2022: Празниците ги „истрошија“ граѓаните

„Ако можете да дадете 120 денари за кафе, можете толку и за книга“

by Fokus

Денеска започна Саемот на книга во Скопје, 34-ти по ред, кој после две години се враќа на добропознатата локација – во спортската сала „Борис Трајковски“.  Издавачите се подготвени да ги услужат читателите, кои се зголемија од почетокот на пандемијата.

Сепак, ако денот се познава по утрото, луѓето со кои  поразговаравме делуваа разочарано во однос на посетата, но веројатно за тоа има и повеќе причини.

„Како за прв ден, многу е слаба посетеноста. Но видете, пред нас беа велигденските и првомајските празници, па можеме да заклучиме дека луѓето се потрошија прилично. Секако, тука е кризата од војната во Украина и сето тоа е како домино ефект. Но, верувам дека до крајот на саемот, посетеноста ќе биде на повисоко ниво“, ни искоментира еден од продавачите.

И покрај тоа што е во затворен простор, сигурно влијае и времето, кое овие денови не најавува дека наскоро треба да се подготвуваме за лето, со врнежи и пад на температурите.

Првичните впечатоци на дел од посетителите се позитивни, а оние најстрасните читатели, со подготвени списоци го чекаат денот за „напад“ на „Борис Трајковски“.

„Убави книги има, само треба некој да чита. Мислам дека македонскиот стандард дозволува да си купиме по неколку книги, а гледам дека на книгите на странски јазици нема толку големи попусти“, ни истакна една читателка.

МАКЕДОНСКИТЕ ЧИТАТЕЛИ СЕ ИНТЕРЕСИРААТ ЗА СТРАНСКА ЛИТЕРАТУРА

Издавачката куќа „Академска книга“ има книги само на англиски јазик, и се среќни што луѓето се интересираат и за таа литература.

„Овој прв ден е послаб од изминатите саеми. Можеби маркетинг е во прашање, но очекуваме во наредните денови да порасне посетеноста. Секоја година се повеќе и повеќе расте интересот за англиска литература и на младите им е како прв јазик. Можеби поради лошите изданија на македонски јазик, преферираат да читаат оригинал“, вели Ана Аврамоска-Сијаноска од „Академска книга“.

Македонскиот животен стандард отсекогаш бил тема на разговор низ јавноста, а нашата соговорничка вели дека за тие кои вистински ја сакаат литературата, ниските примања не претставуваат проблем.

„Сите имаат проблем со македонските плати. Но, ако можете да си дозволите кафе од 120 денари, тогаш можете и книга. Ние гледаме да имаме достапни книги, од 199 денари па нагоре. Многу е важно луѓето што преферираат, и мислам дека повеќе е изговор дека не може да се купи книга“, додаде Сијаноска.

Влезницата за Саемот на книга чини 50 денари, а за групни посети – 40 денари, а настанот, кој ќе трае до 9-ти мај, е под покровителство на Министерството за култура.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости