Во североисточниот дел на Северна Македонија се наоѓа еден од најстарите градови во земјава и на Балканот, градот Кратово, познат по својата преубава архитектура и неколкувековните мостови.
Овој град е само еден од многуте кои се погодени од миграцијата во нашата земја, а жителите на ова гратче се снаоѓаат како знаат и умеат за подобро утре во борба со сиромаштијата.
Според последниот попис од 2002 година, во градот живееле 6924 жители, но во последните години тој број е значително намален.
„Фокус“ направи кратка репортажа за овој град и поразговаравме со кратовци за нивното секојдневие, изборите кои се ближат, но и за корона вирусот.
„Во петокот имаше силен град во Кратово. Ни нанесе големи штети на нашите посеви, никој ништо не ни помогна. Не’ уништи тоа невреме“, ни се пожалија нашите соговорници.
Низ центарот на градот многу беше тешко да наидете на млад човек. И тие си бараат подобра иднина во друг град или во друга земја.
„Народот масовно се иселува, бегаат оттука. Градот запустува. Нема работа и секој си бара подобар живот. Тука останаа само ергени, сите други си заминаа“, разочарано раскажуваат кратовци.
Што се однесува до корона вирусот, Кратово е еден од ретките градови кои добро се справуваат со оваа зараза. До денеска, во ова место има регистрирани само четири случаи, од кои активен е само еден.
Нашите соговорници истакнаа дека се трудат да се заштитат на секаков можен начин од корона вирусот.
Што се однесува до претстојните избори кои ќе се одржат на 15-ти јули, жителите на овој град сметаат дека потребна е промена.
„Сметаме дека треба да се промени власта, затоа што СДСМ многу украде овие години. Ако може да има малку промена би било добро“, додаваат дел од нив.
Голем дел од жителите во Кратово се занимаваат со земјоделство, угостителство и туризам, но последните две гранки не се на ниво како што биле порано, ни раскажаа граѓаните.
Во градот работат само фабриката за вода, „Добра вода“, фабриката за сунѓер „Силпен“, фабриката за патенти, „Силтекс“ и две конфекции.
Јорданчо Цветаноски