ФОТО Работниците од „Охис“ повторно на протест, сообраќајот во грч

by Fokus

Секој вторник и петок, веќе 16 месеци по ред, поранешните работници на фабриката „Охис“ протестираат пред државните институции. Нема исплати за 24 плати кои им следуваат од работата во поранешното државно претпријатие „Охис” и покрај бројните средби одржани со претставници на Владата.

Сообраќајот во центарот на Скопје беше блокиран поради што возилата се пренасочуваа на околните сообраќајници. Стечајците протестираат секоја недела и бараат од Владата да интервенира за да ги добијат своите плати. Тие утринава маршираа од Собранието, до Министерството за правда, а од таму до Владата. Велат дека најголемо разочарување за нив е што од продажбата на Охис, во вредност од 7,1 милиони евра, Владата одлучи два милиони евра да пренасочи за чистење на линданот.

-Тоа се наши пари, пари кои требаше да одат за плати на стечајците – велат тие.

Затоа сега бараат финансиска инјекција од Владата во износ од околу три милиони евра за да ги добијат своите плати. Од Владата добиле одговор дека државата нема толку пари, но ваквиот одговор не го прифаќаат и велат дека ќе продолжат со протестите.

М.В

Поврзани новости