Приватните автобуски превозници денеска од шест часот наутро повторно поставија блокади на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и Булеварот Илинден околу локацијата на градското Собрание.
Во центарот на Скопје паркирани се приватните автобуси.
Тие велат дека овој пат нема да ги тргнат блокадите се до исполнување на нивните барања.
Кемал Муриќ од приватниот превозник „Слобода превоз” вели дека нема да се тргнат блокадите додека нема напредок за излез од состојбата.
– Како што најавивме денеска автобусите се паркирани и ќе бидат тука се додека нема напредок од состојбава, односно да не викнат на разговори и да се договориме за динамиката за исплата на заостанатиот долг, да продолжат неделните уплати за да можеме да се вклучиме на линија се со цел да не трпат граѓаните, рече Муриќ.
На прашањето за новиот јавен повик за поединечно аплицирање на возачите, тој рече дека тоа е обид за разбивање на единството на привстните автобуски превозници.
На протестот со блокадите низ градот Скопје се автобуските превозници од двете компании, „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.