Краткотрајниот дожд проследен со грмотевици предизвика поплава во центарот на Неготино. Неготинска река се излеа од коритото, по што голем број на автомобили останаа заглавени во водата.
И покрај тоа што невремето траеше дваесеттина минути, во центарот на градот настана сообраќаен хаос.
Моментално дождот се смирува, а екипи на комуналното претпријатие ги пренасочуваат автомобилите назад.
Ова не е прв пат да настане потоп во центарот на градот, по краткотраен летен дожд. Жителите на зградите на улицата ,,Маршал Тито” каде најмногу се собира водата од дождот, но и од излеаната река, речиси секоја летна сезона реагираат, бидејќи токму нивните автомобили се први на удар и завршуваат полни со вода.
Се апелира на чистење на талогот во речното корито на почетокот на кејот, каде има големи наноси, по што водата при посилен дожд веднаш се излева. Исто така, со години наназад се апелира и за поставување на сливници долж коловозот на улицата, на критичното место каде се собира надојдената вода.
Пред две години, во август, исто така имаше голема поплава во центарот на градот, предизвикана од летен пороен дожд. Тогаш во водата останаа заглавени голем број на автомобили, а патниците дури по еден час поминат во нив, беа извадени надвор.
Вики Клинчарова