Еден од осомничените во случајот на СЈО за Медиа Принт Македонија, Срѓан Керим денеска беше дел од консултациите на министерот Бујар Османи за францускиот предлог.
Имено, Керим е член на Стратешкиот совет на МНР со кого вечерва се консултираше Османи. Керим, сепак не беше физички присутен, бидејќи не е во Македонија, па се вклучи преку онлајн врска.
-Денес францускиот предлог претставен пред Стратешкиот совет на МНР, со цел одржување на консултации за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија.
Консултациите со сите релевантни општествени чинители претставуваат важен аспект од процесот на донесување на конечна одлука за овој историски момент за насоката на која ќе се движи државата, напиша Османи за средбата со Советот.
Османи го формираше Стратешкиот совет кој треба да го советува лани во мај, а дел од имињата предизвикаа реакции во јавноста.
Освен за Керим, јавноста беше изненадена и од именувањето на Валентина Божиновска, но таа веднаш се повлече.
Инаку, Керим се сомничи за сторена „Злоупотреба на службена положба и овластување“, согласно член 353 од Кривичниот законик, за „Оштетување или повластување на доверители“ од член 257 став 3 од КЗ и за „Намерно предизвикување на стечај“.
Истрагата за сличајот е завршена, а минатиот месец од Обвинителството за „Фокус“ рекоа дека се бара меѓународна правна помош да му се достави известувањето, по што Керим ќе треба да направи увид во доказите што ги има собрано обвинителството против него и да предложи свои докази.
Срѓан Керим веќе неколку години живее во Опатија и има хрватско државјанство.
К.С.Б.