Затворањето на мостот кај селото Долни Балван, Општина Карбинци, им предизвика сериозни главоболки на луѓето кои се движат кон тој дел на Македонија.
Мостот попуштил по поплавите од минатата седмица, а големиот водотек и нерегулираното речно корито донеле неколку паднати дрвја кои го оштетиле едниот столб.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов побарал помош од државата за санација на мостот, но од никаде не добил одговор.
„Веднаш побаравме поддршка за интервенција од страна на ЦУК и ППЕ Штип, на што не добивме никаква реакција и бевме принудени сами да се справуваме. Заедно со ЈКП Плачковица со сопствени ресурси ги отстранивме овие наноси.
Потоа побарав од Министерството за животна средина да издаде дозвола за регулација за да направиме детален увид за да веднаш побарам проект за санација. Од таму повеќе од една седмица нема одговор. За жал институциите немаат слух за ваквите проблеми, системот на државата е тотално нефункционален“, вели Паунов за „Фокус“.
Поради ваквиот проблем, луѓето, како што вели тој, се соочени да изминуваат по дополнителни 30 до 40 километри за да стигнат до посакуваното место.
„Тој мост е помеѓу селата Долни Балван – Таринци и преку него се стигнува до Кочани и Штип. Практично мостот води до регионалниот пат кон Бугарија и целиот исток на Македонија. Па така луѓето, како решение или влегуваат во Штип и заобиколуваат 30 километри ли одат подалеку од кочанските села“, додава нашиот соговорник.
„Фокус“ контактираше со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски преку „Вибер“, но до објавувањето на овој текст не добивме никаков одговор за решавање на овој проблем.
Јорданчо Цветаноски